Србија ќе добие нов кошаркарски шампион, а првпат по 2011 година Црвена Звезда нема да игра ни во финалето од шампионатот на нашиот северен сосед.
„Црвено-белите“ доживеаја невидена бламажа откако во полуфиналната серија се елиминирани од Спартак од Суботица со два двоцифрени порази. По оние 12 разлика во саботата, денеска Спартак славеше со 93-77, тотално понижувајќи го големиот фаворит, плус евролигаш, кој на мизерен начин ја завршува оваа сезона. Прво не стигна до финалето во АБА лигата, а сега ни во домашното првенство.
Звезда вечерва беше конкурентна само во првите минути во кои и водеше со 6-2 и 8-5. Спартак го презеде водството со шест поени по ред и до крајот на првата четвртина предност од 12 разлика (24-12). Оттогаш до крајот на мечот, најчесто водството на домашниот тим беше двоцифрено, а најмногу што успеа да се доближи Звезда беше на седум поени разлика. Се беше завршено кон средината на последниот квартал кога тимот од Суботица поведе со огромни +22 (81-59).
За Спартак ова ќе биде прво финале во националното првенство во историјата на клубот чиј најголем успех досега е финале во Купот на СР Југославија во 1995 година. Во серијата за титулата ќе се сретне со подобриот од дуелите меѓу Партизан и ФМП каде „црно-белите“ водат со 1-0, а вториот меч се игра утре.


