Иако влезе како апсолутен фаворит и втор носител од основниот дел, Златибор доживеа тотален дебакл на гостувањето кај Подгорица, во првиот четвртфинален дуел од АБА 2 лигата.
Црногорскиот претставник славеше со 113-89, на општо изненадување на сите кои ја следат регионалната кошарка. Со оглед на тоа што во оваа фаза се игра на кош-разлика, ова е голем капитал за Подгорица која идната недела во Чајетина треба само да ја одбрани оваа предност.
Највисоката предност на домашниот тим на овој тим изнесуваше и 27 разлика, на почетокот од третата четвртина (71-44), а интересно е тоа што Подгорица во првото полувреме постигна 63 поени. Брендон Слај беше најефикасен кај црногорскиот тим со 24 поени, Кунц додаде 21, а Петров 19. Кај Златибор, кој е шампион на АБА 2 од 2022 година, Ѓукановиќ и Ковачевиќ постигнаа по 19.
Во вториот меч од вечерашната програма, првиот фаворит Спартак го совлада Хелиос во Словенија со 84-71. Овој натпревар е важен и за МЗТ Скопје бидејќи победникот од тој двомеч во полуфиналето ќе се сретне со подобриот од серијата меѓу македонскиот првак и Широки.


