Со карактер и без желба на гостински терен да ја бранат предноста од 24 поени разлика од првиот меч, Подгорица оствари историски успех, пласирајќи се во полуфиналето од АБА 2 лигата.
Црногорскиот тим пак го совлада шампионот од 2022 година Златибор, сега со 100-93 и првпат во својата историја ќе биде меѓу четирите најдобри во регионалното натпреварување. Најблиску до пресврт, Златибор беше во втората четвртина кога водеше со шест разлика, еден од ретките периоди кога се наоѓаше во предност.
Подгорица брзо ја анулира таа негатива, во третиот квартал отиде на +18, а во последната и на +23 со што се закани да му нанесе уште еден дебакл на противничкиот тим. Во финишот, сепак, дојде до мало опуштање и Златибор го искористи тоа за да се избори за пристоен пораз.
Во полуфиналето, Подгорица ќе игра со уште еден српски тим, Спартак кој сега е можеби главен фаворит за пласман во првата дивизија од АБА.


