Рома СПКР продолжува да го гради својот амбициозен проект пред премиерната сезона, а во организацијата пристигнуваат искусни имиња од европската кошарка. Меѓу нив се очекува да бидат Серџо Скариоло и Стефан Ивановиќ.
Според информациите од италијанските медиуми, Скариоло ќе има советничка улога во клубот, а неговата задача ќе биде да помогне во формирањето на стручниот штаб. Италијанскиот стратег, кој неодамна се раздели со Реал Мадрид, нема да биде прв тренер, бидејќи таа функција му е доверена на Алесандро Магро.
Скариоло зад себе има огромно тренерско искуство и еден од најтрофејните европски стратези. Токму затоа неговото ангажирање претставува сериозен чекор за новиот римски проект, кој го поддржуваат Лука Дончиќ и Дони Нелсон. Еден од луѓето кои би можеле да му се приклучат на Магро во стручниот штаб е Стефан Ивановиќ, синот на легендарниот тренер Душко Ивановиќ. Триесетгодишниот тренер минатата сезона работеше со Скариоло во Реал Мадрид, а претходно беше дел и од стручниот штаб на Париз, каде соработуваше со Тијаго Сплитер.
Рома СПКР веќе работи и на составот за новата сезона. Меѓу имињата кои се поврзуваат со тимот се италијанскиот репрезентативец Нико Манион, Марко Симоновиќ, Џеси Едвардс и Оливие Ханлан. Римскиот клуб треба да дебитира и во Еврокупот, каде според актуелниот распоред би играл во групата Д со Балкан, ПАОК, Лиеткабелис, Улм, Манреса и Бахчешехир, додека составот на групата може да биде дополнет и со Монако.
Амбициозниот проект предводен од Дончиќ и Нелсон така добива уште поголема тежина, со комбинација од млади тренерски сили и искуство на еден од најпознатите европски стратези.


