ТФТ е најпријатното изненадување во АБА 2 лигата оваа сезона и на чекор од сензационално финале во регионалното натпреварување.
Откако го елиминира Златибор, вицешампионот на Македонија со брејк ја почна полуфиналната серија од плејофот, против Сутјеска која во своите редови има многу прекалени борци и искусни кошаркари кои играле и АБА и Евролига. Вториот меч го игра на домашен терен в среда и со победа ќе избори пласман во финалето што ќе биде огромен успех и за клубот и за македонската кошарка. Сепак, тренерот Боро Смилковски повикува на смиреност бидејќи работата е далеку од завршена со само една победа.
„Сакам да се заблагодарам на Сутјеска и на целата организација за гостопримството. Што се однесува до играта – ова е фантастичен резултат. Игравме против исклучително добар тим. Првото полувреме беше одлучувачко, а ние одигравме маестрално. Имавме 16 асистенции, над 50 поени, над 20 поени во транзиција. Влеговме добро во мечот, пристапот беше добар и можеби тоа беше клучот. Се очекуваше Сутјеска да се обиде да се врати во второто полувреме и да покаже квалитет. Успеавме, иако имавме проблеми со фаулите. Губевме со 0-1 против Златибор, а во вториот натпревар бевме 19 поени зад нив. Оваа серија не е завршена. Добро е да се биде ТФТ денеска, но мора да се подготвиме за следниот натпревар што е можно поскоро. Сигурен сум дека Сутјеска ќе направи сè за да го врати брејкот“, рече Смилковски.
Вториот меч од серијата се игра на 15 април во Скопје, а желбата на ТФТ ќе биде да не се врати во Никшиќ, туку да продолжи кон Широки Бријег или Домжале.


