Американскиот интернационалец Нејт Сестина ќе биде петтиот натурализиран кошаркар што ќе заигра за Македонија во првата претквалификациска фаза за Европското првенство.
Почна Омари Мур, потоа заигра Џејкоб Вајли, па Итан Хап и на дуелот со Ирска дебитираше Ди Џеј Стјуарт. Довчерашниот кошаркар на Олимпија Милано, кој најверојатно кариерата ќе ја продолжи во богатиот проект на Асвел, замина за Луксембург и ќе ја предводи делумно ослабената селекција во последниот меч од претквалификациите, кој нема никакво резултатско значење. По вчерашниот тренинг, Сестина ги изнесе своите впечатоци за репрезентацијата и она што тој очекува од натпреварот со Луксембург.
„Чест ми е и задоволство што ќе имам можност да дебитирам за Македонија, ова е добра можност да ја презентирам земјата на меѓународно ниво. Не сакам да размислувам за ништо друго, освен на победа, излегуваме здрави и подготвени и ова е буквално увертира за она што не очекува во следната фаза од квалификациите“, рече Сестина.
Со оглед на тоа што никогаш порано не бил во Македонија, крилниот играч и фантастичен шутер не крие дека не знае многу за кошарката во земјава. Најубавите работи ги дознал од својот пријател Итан Хап, исто така репрезентативец на Македонија.
„Не знаев многу за македонската кошарка пред да дојдам овде, дури за некои македонски кошаркари мислев дека се од други држави. На пример, за Владо Илиевски мислев дека е од Словенија, а тој беше извонреден играч. Сепак, Итан Хап ми е многу добар пријател, а тој ми кажа убави работи за Македонија и македонската репрезентација, исто така знам дека играше Ти Џеј Шортс, еден од најдобрите плејмејкери во Европа и се надевам дека и јас ќе оставам длабока трага во оваа селекција“, додава 29-годишниот кошаркар.
На дуелот со Луксембург, во македонската репрезентација ќе го нема Андреј Јакимовски, во тимот не е ниту Ненад Димитријевиќ, па логично се јави претпоставката дека Сестина треба да биде лидер на екипата. Тој, сепак, ги почитува кошаркарите со подолг стаж во националниот тим.
„Не се гледам како ѕвезда, ниту како лидер на оваа репрезентација бидејќи мора да се почитува некоја хиерархија. Тука се Војдан Стојановски и Стојан Ѓуроски, тие се апсолутни лидери во тимот и така ќе остане. Ако можам некако да им помогнам, тоа секако ќе направам бидејќи сакам да бидам добар соиграч и тимски кошаркар“, вели Сестина.
Со оглед на тоа што не играше на првиот меч со Луксембург, тој не знае што може да очекува од противникот, но знае што може самиот да придонесе во македонската репрезентација.
„Од мене можете да очекувате многу енергија, борба за секоја топка и се надевам дека ќе забијам. Одамна немам забиено“, низ шега заврши Сестина.
Натпреварот меѓу Луксембург и Македонија се игра денеска од 16 часот, но нема никакво резултатско значење за двете репрезентации.


