Екипата на Барселона оди во финалето од плејинот откако вечерва на домашен терен ја совлада Црвена Звезда со 80-72.
Каталонскиот тим не можеше да избере поповолен противник за денешниот меч бидејќи во 21. меѓусебен дуел, дојде до 18. победа. Како ќе се одвива мечот, можеше да се предвиди уште во првата четвртина во која свое шоу имаше Вил Клајбурн. Американецот погоди шест тројки во своите први шест шута, а кога тој малку подзастана, на сцена стапи Кевин Пантер да го докусури српскиот тин.
На крајот имаа по 22 поена, доволно за победа на Барселона која ја продолжува својата сезона во Евролигата, за разлика од Црвена Звезда која со високи амбиции и десет нови кошаркари ја почна кампањата, а едвај влезе во плејинот и потоа експресно го заврши својот настап.
Во мечот за осмото место, Барса ќе му гостува на Монако, а победникот на тој меч, во четвртфиналето ќе се сретне со Олимпијакос.


