Трофејниот грчки стручњак Јанис Сферопулос си заминал од Белград откако денеска раководството на Црвена Звезда го известило дека повеќе нема да биде тренер, тврдат медиумите во Србија и Грција.
Такво нешто беше најавено уште вчера, а утринава почнаа шпекулациите со можниот наследник при што најспомнувано име е Саша Обрадовиќ. Додека официјално не бидат потврдени информациите, Звезда утре ќе патува во Истанбул на мегдан со Фенербахче без тренер бидејќи Сферопулос е заминат, а новиот шеф уште не е назначен.
Во овој момент е нејасно кој ќе ја води екипата против Фенербахче, но по се изгледа дека сите во клубот веќе го прежалиле мечот со европскиот шампион што би бил четврти пораз по ред од почетокот на оваа сезона и вкупно седум ако се смета крајот на минатата натпреварувачка кампања.
Засега од Црвена Звезда нема никакви информации за процесите кои се водат и сите вести се од медиумите во Србија и Грција, како и од извори блиски до клубот.


