Олимпија Милано би можела да направи промена на тренерската позиција по незадоволителниот почеток на сезоната, а како главен кандидат за нов предводник на италијанскиот гигант се споменува грчкиот стручњак Јанис Сферопулос, објави „Ла Република“.
Според информациите што ги пренесува италијанскиот медиум, позицијата на актуелниот тренер Пепе Поета е под сериозен притисок, откако тимот не ги исполни очекувањата на стартот од натпреварувачката сезона.
Олимпија Милано претрпе убедлив пораз од Макаби Тел Авив со 79-97 во Евролигата, со што падна на скор од една победа и три порази во елитното европско натпреварување. Италијанскиот тим има учинок од 1-1 и во домашното првенство, па резултатите дополнително ги засилија шпекулациите за можна тренерска смена.
Сферопулос е без ангажман од октомври 2025 година, кога ја заврши својата епизода на клупата на Црвена Звезда. Искусниот грчки тренер претходно работеше и во Евролигата, а неговото име повторно се најде во центарот на вниманието како можна опција за екипа со високи амбиции.
Евентуалното доаѓање на Сферопулос би било особено интересно и за македонската кошарка, со оглед на тоа што во ростерот на Олимпија Милано е Мозес Рајт, американскиот центар кој настапува за репрезентацијата на Македонија. Рајт пристигна во Милано по одличната сезона во Жалгирис, а со своите физички предиспозиции, енергија и квалитет во рекетот се очекува да има значајна улога во амбициите на италијанскиот клуб. Тој се истакна и на Суперкупот на Италија, каде што беше прогласен за најкорисен играч на турнирот.


