Претседателот на Црвена Звезда, Небојша Човиќ го пофали актуелниот тренер Јанис Сферопулос, но во исто време откри дека тој не бил прва опција за испразнетата позиција, по заминувањето на Душко Ивановиќ.
Тој и неговите соработници на клупата го сакале Душан Алимпијевиќ, но тој веќе имаше ангажман во Бешикташ.
„Немавме голем избор во тој момент. Да беше слободен Алимпијевиќ, ќе го донесевме. Кога го спомнувам него, сведоци сме на неправда за тоа како тој помина кај нас, како последица на неразумни и нерезонски потези на тогашниот наш играч Матијас Лесор, кој за жал, сега ја мрази Звезда. Неговиот промашен зицер во Подгорица му ја промени кариерата на Алимпијевиќ, тогаш млад и перспективен тренер кој мораше да си оди поради свирежите, нападите и прозивките“, рече Човиќ.
Станува збор за сезоната 2017/18 кога Црвена Звезда загуби од Будуќност во финалето на АБА лигата, а член на белградскиот тим беше македонската кошаркарска легенда Перо Антиќ, во својата последна година од кариерата. Алимпијевиќ тогаш имаше само 31 година, а доби отказ пред плејофот во српското првенство.