Оклахома Сити Тандер израмни на 2-2 во финалната серија од НБА лигата откако утринава како гостин ја совлада Индијана со 111-104.
Она што го испушти Оклахома во претходниот меч, го доби во овој затоа што блесна кога беше најпотребно – во финишот. На три минути пред крајот, по кошот на Халибартон, домаќините поведоа со 103-99, а потоа следуваше супер-завршница на Тандер во која оваа екипа направи 12-1 и дојде до победата.
Прва ѕвезда на мечот беше Шеј Гилџес Александер кој постигна 10 од последните 12 поени за својот тим иако половина од нив од линијата за слободни фрлања. Натпреварот го заврши со вкупно 35 и со 50% шут од игра, а беше безгрешен од пенал-линијата. Голем придонес во победата имаше Вилијамс кој постигна 27 поени, но и Карусо кој повторно стапи на сцена кога му беше најпотребен на својот тим, постигнувајќи 20 поени со само две промашувања од игра.
Паскал Сијакам ја предводеше Индијана со 20 поени, а Тајрис Халибартон додаде 18. Оклахома со овој триумф ја врати на своја страна предноста на домашниот терен и ако дојде до „мајсторка“, ќе игра пред своите навивачи.


