Екипата на МЗТ Скопје со убедлив триумф ја почна одбраната на титулата откако како гостин го совлада повратникот во елитната конкуренција Шкупи, со 95-59.
Аеродромци ја имаа фаворитската улога и апсолутно ја оправдаа и покрај тоа што тренерот Васко Атанасов балансираше со минутажата и се обиде колку е можно да ги одмори играчите пред напорната недела во која МЗТ гостува во Загреб и во Битола. Мечот го почна со измешана постава, па затоа и Шкупи во првата четвртина беше рамноправен противник и по 10 минути игра резултатот беше 18-20.
Веќе во вториот период на сцена стапија главните играчи на МЗТ Скопје, шампионот ја стегна одбраната што придонесе лесни поени на спротивната страна и тоа се одрази на резултатот. Дури 24 поени тимот од Аеродром постигна од контранапади, а и покрај тоа што најдолгата серија изнесуваше само осум поени, на крајот триумфираше со 36 разлика.
Андреј Андоноски најдобро ја искористи шансата од Атанасов, за 21 минута во игра постигна 21 поен, плус 6 скока за индекс 26, најмногу на мечот. Арчи го предводеше тимот на Шкупи со 18 поени.


