Јуниорската репрезентација на Македонија ќе се сретне со Португалија во четвртфиналето од Европското првенство Б-дивизија што се одржува во Скопје.
Португалците го освоија второто место во групата Д иако со идентичен биланс (2/2) како и Грузија и Норвешка. Денеска, оваа селекција ја совлада Грузија со 67-50 и е со најдобар ефект во кругот од трите репрезентации. Во меѓусебните дуели, Португалија има +13, Норвешка 0, а Грузија -13.
На нашата селекција ѝ останува уште еден меч од групната фаза кој е на програмата од 18:30 часот против Украина, но тој нема никакво резултатско значење бидејќи уште вчера се знаеше дека Македонија ќе заврши на првата позиција во групата А. Ако се земат предвид досегашните настапи, македонската репрезентација ќе влезе како фаворит во дуелот бидејќи просечно постигнува 92 поена со што е најефикасен тим на шампионатот, додека Португалија е на 14. место со 68 поени по меч.
Натпреварот меѓу Македонија и Португалија е на програмата в петок, а до крајот на денов ќе се знаат и другите четвртфинални двојки, како и распоредот на натпреварите.


