Инцидентот што го предизвика Никола Јокиќ на крајот од натпреварот со Минесота беше главна тема на вечерта во НБА.
Јокиќ се судри со играчот на Минесота, Џејден Мекдениелс, лут на својот противник што го заврши натпреварот со положување во моментот кога победникот одамна беше решен, а играчите запреа. Српскиот центар истрча кон Мекдениелс и двајцата влегоа во клинч близу клупата на домашниот тим.
Шекил Онил и Чарлс Баркли исто така се најдоа во клинч, но вербално, на телевизија, откако водителот Ерни Џонсон праша што би направиле двајцата ако беа на местото на Мекдениелс и Јокиќ.
„Би ја забил топката со 360 степени, како Винс Картер. Секако дека би постигнал кош. Ова е плејоф. Се обидувам да ти влеза во глава, да те засрамам пред твоето семејство, твојата сопруга и твојата девојка. Не ме интересираат последиците“, рече Шек.
Чарлс Баркли, кој е на страната на Јокиќ во речиси секоја дискусија, за разлика од Шек, рече дека би постапил сосема поинаку.
„Нема да лажам, знаев како да ги удрам играчите ако губевме со 20 поени, а тие пробаа нешто слично. Да погодеше некој тројка на таа разлика, ќе речев во соблекувалната: „Еве 500 долари за оној што може да го патосира“. Го правев тоа и горд сум. Тоа се правилата на играта, не можеш да го понижиш противникот“, рече Баркли.
Денвер губи со 1-3 во серијата од првата рунда на плејофот, но Минесота остана без двајца важни играчи кои се повредија ноќеска. Поради тоа може да се заклучи дека оваа серија тукушто почнува.


