По пауза од пет години, екипата на Шкупи обезбеди пласман во Првата македонска кошаркарска лига и максимално сериозно го сфати новиот предизвик.
Раководството и стручниот штаб направија речиси целосна реконструкција на екипата која ќе се обиде да стигне дури и до топ-8. Ангажирани се седум нови играчи од кои четворица странци со кои Тони Симиќ и неговите помошници ќе ја стартуваат претстојната сезона.
Од домашните играчи, нови членови на Шкупи се довчерашниот играч на Пелистер, Борјан Стојановски, потоа Даниел Балоски и Виктор Златевски, квотата од четири странци е пополнета со Данило Аранитовиќ, Џакори Арчи, Грег Трибл и Декуан Вилијамс. Освен нив, договорите ги продолжија Платин Џеладини, Ељеса Камбери и Марко Величковски. Тука не е крајот на процесот на изградба на тимот бидејќи од клубот се во преговори со уште еден искусен домашен играч, со долгогодишен стаж во Првата лига.
Покрај играчите, Шкупи сериозно се засили во стручниот штаб. Од Азербејџан се врати Никола Божиновски кој ќе му биде прв асистент на Симиќ што ќе биде прв негов ангажман во земјава по Академија ФМП каде работеше долги години. Покрај него, на Симиќ ќе му помагаат уште Фаик Мифтари, Ндерим Нагавци и Ваљон Деари, кондициски тренер е Горан Зинзировски, а физиотерапевт Ардијан Буши.


