Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс го одигра својот најдобар натпревар во Евролигата.
Во француската пресметка од елитното натпреварување, Париз славеше со 87-80 како гостин против Монако, а убедливо најзаслужен за триумфот беше токму Шортс. Плејмејкерот на парискиот тим буквално сам го победи шампионот на Франција, оствари дабл дабл со 28 поени и 10 асистенции, плус 4 скока за индекс 39, убедливо највисок на натпреварот. Најблиску до него беше Тајсон Ворд со индекс 16, идентично како и Џејмс и Окобо од тимот на Монако.
Со своето издание, а со оглед и на победата на Париз, Шортс ја истакна и кандидатурата за МВП на колото што би било апсолутно заслужено признание за еден од најдобрите плејмејкери во Европа.
Ова е втора победа за Париз во неговата дебитантска сезона во Евролигата откако минатата недела го изненади актуелниот европски шампион Панатинаикос.


