Италијанскиот првак Олимпија Милано славеше во второто коло од Евролигата откако во драматичен натпревар го победи Париз со 79-74.
Тоа беше и дуел на двајцата македонски репрезентативци Ненад Димитријевиќ и Ти Џеј Шортс. Двајцата поминаа преку 25 минути на теренот, францускиот вицешампион беше блиску до триумф, но на крајот се радуваа Олимпија Милано и Димитријевиќ кому ова му е прва евролигашка победа во кариерата.
Париз го диктираше темпото до околу три минути пред крајот на мечот, водеше и со осум поени разлика во последната четвртина (71-63), но на крајот потклекна, слично како пред една недела против Црвена Звезда на домашен терен. Во клучните моменти блесна Шевон Шилдс, додека Шортс не доби помош од соиграчите и со серија од 16-3 Олимпија Милано дојде до триумфот.
Шортс беше убедливо најдобар играч во својот тим со 17 поени, 8 асистенции и 4 скока. Димитријевиќ постигна девет поени, сите од тројки, а оствари уште три скока, додека Шилдс го заврши мечот со 21 поен.
РЕЗУЛТАТИ:
Олимпијакос – Жалгирис 74-68
Барселона – Алба 88-73
Олимпија Милано – Париз 79-74


