Македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс уште еднаш покажа зошто е еден од најдобрите играчи надвор од Евролигата.
Кошаркарот на Париз е прогласен за МВП на полуфиналната фаза од Еврокупот откако успеа да го однесе својот тим во големото финале каде ќе се сретне со Бурж. На двата полуфинални меча против Лондон, Шортс имаше просек од 22 поена, 6 асистенции и 4 украдени топки, а во првиот натпревар оствари индекс 33. Во вториот беше нешто послаб, но одигра доволно добро и квалитетно за да го однесе тимот во финале.

Претходно, Шортс беше прогласен за МВП и на четвртфиналната фаза, нешто што не му успеало никому во историјата на Еврокупот. За неговото име е врзан уште еден рекорд – тој е прв играч во постоењето на ова натпреварување кој пет пати во текот на сезоната бил прогласен за најкорисен. Три пати го доби тоа признание (играч на колото) во основниот дел од сезоната, а потоа во четвртфиналето и полуфиналето. Ниеден друг кошаркар досега не успеал да добие повеќе од три вакви награди.


