За првпат оваа сезона, македонскиот репрезентативец Ти Џеј Шортс не одигра ниедна минута на натпреварот на Панатинаикос.
Тоа е кулминација на односот на Ергин Атаман кон плејмејкерот кого повеќе пати јавно го критикуваше од почетокот на сезоната. Шортс е во сè понепријатна ситуација во Панатинаикос Атина, постигнува по 7,8 поени со 44% просек и 3,3 асистенции за 17 минути по натпревар што е далеку од неговото ниво од минатата сезона кога го носеше дресот на Париз. Откако одигра само 5 минути во поразот од Олимпијакос на почетокот на јануари, репрезентативецот на Македонија не влезе во игра против Басконија (93-74), првпат оваа сезона.
Ваквата одлука на Атаман доаѓа во период кога Кендрик Нан е отсутен, а Шортс од клупата гледаше како Василис Толиопулос блеска и постигна 21 поен за 26 минути. Претходно тој имаше само два настапа во Евролигата во текот на целата сезона.
Ти Џеј Шортс не беше единствениот член на ротацијата кој не го виде теренот. Турскиот интернационалец Омер Јурцевен, втор најдобар стрелец на Панатинаикос во домашното првенство, исто така го проследи целиот натпревар од клупата.
„Тие не играа од тактички причини“, кратко искоментира Ергин Атаман на прес-конференцијата по натпреварот.
За да се разбере причината за неговиот избор, мора да се вратиме на неговите изјави од викендот, по тесната победа против ПАОК.
„Искрено, не знам што да правам со некои играчи. Навистина сум збунет. Не можам да го најдам решението: тие не придонесуваат ништо и ќе мора да се сменат. Некои играчи не беа на висина на задачата и повторно го нарушија нашиот систем. Во овој систем на игра, некои играчи не го заслужуваат своето место во тимот. Оние кои не го почитуваат системот нема да играат, тоа е сè“, рече тогаш турскиот стручњак кој е под се поголем притисок и најави оставка ако не освои трофеј до крајот на сезоната.
Тој не сакаше да именува никого, но не треба многу да се размислува за да се сфати на кого мислел. Особено затоа што Ти Џеј Шортс повторно се мачеше во Солун (2 поена од 1/3 шут, 1 асистенција и 1 изгубена топка за 9 минути; -11 плус/минус). Шортс е еден од најдобрите плејмејкери во европската кошарка, летоска потпиша двегодишен договор за два милиони евра по сезона, но се уште не може да се вклопи во системот на Атаман што порано беше пречка и за други големи кошаркари.


