Репрезентацијата на САД е последниот полуфиналист на кошаркарскиот турнир од Олимписките игри во Париз откако во дуелот со Бразил славеа со 122-87.
Тоа е најубедлива победа на Американците на Игрите, а со неа се загреаја за новото, трето ова лето, дерби против Србија, со која ќе се сретнат во полуфиналето. Леброн и останатите буквално се забавуваа на овој меч кој повеќе наликуваше на Ол стар натпревар, отколку на четвтрфинале од Олимписките игри.
Првиот удар го зададе Жоел Ембид кој постигна две тројки во првата четвртина, се разиграа и останатите играчи и на полувреме САД веќе имаа +27 (63-36). Во третиот период Бразил малку го поправи впечатокот и спречи противникот уште во тие моменти да дојде до огромна предност, но во последните 10 минути Американците повторно нагазија и дојдоа до победа од 35 разлика.
Букер со 18 поени беше најефикасен во тимот на САД, Едвардс додаде 17, а Ембид 14. Прв стрелец на мечот беше Бруно Кабокло од бразилската репрезентација со 30 поени.


