Српската репрезентација со убедлив триумф ги заврши подготовките за Европското првенство и во Рига ќе замине со максимален ефект од 7/0 на дуелите пред почетокот на шампионатот.
Во генералната проба за континенталното првенство, Србија во белградската Арена ја совлада Словенија со 106-72 и ја потврди улогата на главен фаворит за златниот медал. Лука Дончиќ не можеше сам, па мечот кој беше најавен како спектакл заврши како шоутајм на српската репрезентација.
Уште по првото полувреме беше јасно дека Словенците ќе доживеат дебакл затоа што по 20 минути игра домаќините водеа со 64-36. Во вториот дел Србите малку го намалија темпото, но сепак ја надминаа границата од 100 поени, по четврти пат во текот на подготовките.
Кошаркарот на Мајами, Никола Јовиќ беше најефикасен во српската репрезентација со 18 поени, Богдановиќ додаде 14, а Милутинов 11. Лука Дончиќ ги предводеше Словенците со 17 поени, а Радовиќ додаде 13.


