Екипата на Панатинаикос е претпоследен учесник во плејофот од Евролигата откако вечерва на домашен терен го совлада Монако со 87-79, во мечот од плејинот.
Херој на грчкиот тим е толку оспориваниот македонски репрезентативец Ти Џеј Шортс кој останува кошмар за тимот од Монако, како и лани кога го носеше дресот на Париз. Плејмејкерот одигра еден од своите најдобри натпревари откако дојде во Панатинаикос, беше најефикасен во својата екипа со 21 поен (8/11 за два, 1/2 за три и 2/2 од линијата за слободни фрлања), плус три скока, две асистенции и една украдена топка за индекс 24.
Во четвртфиналето од плејофот во Евролигата, Панатинаикос ќе игра против Валенсија која го освои второто место во основниот дел од сезоната. Шпанскиот тим ќе ја има предноста на домашниот терен, а ПАО ќе се обиде да излезе како победник и да избори пласман на завршниот турнир што ќе се одржи на негов терен, во ОАКА.
Што се однесува до Монако, тука не ја завршува сезоната, туку ќе има уште една шанса да се пласира во плејофот. На домашен терен за два дена ќе се сретне со победникот од дуелот меѓу Барселона и Црвена Звезда кои играат во моментов.


