Вечерва по полноќ ќе бидат познати последните четири учесници на кошаркарскиот турнир на Олимписките игри во Париз.
Во Пиреја, Валенсија, Рига и Сан Хуан се играат финалните натпревари од квалификациите, а интересно е тоа што во сите четири меча учествуваат домашните репрезентации. Можеби неочекувано, најнеизвесно треба да биде во Шпанија каде домашната репрезентација ќе се сретне со Бахами, селекцијата на земја од едвај 400 илјади жители која има историска шанса, првпат да се пласира на Олимписки игри.
Иако Шпанија е кошаркарска велесила и актуелен европски шампион, а е и домаќин на турнирот, медиумите и јавноста во земјата се исплашени од квалитетот на противникот. Бахами немаат долга кошаркарска традиција, но во сегашниот состав имаат неколку НБА мега-ѕвезди кои со голема леснотија ги поминаа ланските претквалификации и годинашните квалификации до денешното финале.
Селекторот Кристофер Демарко во своите редови ги има Диандре Ејтон, Бади Хилд и Ерик Гордон околу кои се врти се во играта на репрезентацијата на Бахами и досега се прикажаа во фантастично издание. Стравот кај Шпанците е и поради тоа што нивната репрезентација не е на посакуваното ниво и синоќа се измачи против Финска во меч во кој малку недостасуваше да биде непријатно изненадена и да испадне.
„Ни останува уште најтешкиот натпревар, против НБА суперѕвезди. Тоа се играчи кои без проблеми постигнуваат по 20 поени по натпревар во НБА и мораме да ги лимитираме ако сакаме успех“, рече селекторот на шпанската репрезентација Серџо Скариоло.
На другите финални натпревари што се играат вечерва, Грција ќе се сретне со Хрватска, Летонија со Бразил, а Порторико со Литванија.


