Црвена Звезда конечно влезе во победничка серија во АБА лигата откако вечерва, по повеќе од два и пол часа жестока борба ја совлада Будуќност во Подгорица со 75-73.
Мечот го одбележаа огромната тензија во салата „Морача“, неколкуте прекини, тешката повреда на Џоел Боломбој и шутерското шоу на Немања Недовиќ кое се покажа клучно за победата на гостинскиот тим. Будуќност беше во водство во најголем дел од натпреварот, во втората четвртина имаше и +10, но не го издржа драматичниот финиш и речиси непогрешливиот бек на Црвена Звезда.
Недовиќ со тројка на неполна минута пред крајот го донесе бранителот на титулата во водство од 73-72, во следниот напад Рајт ја врати предноста на Будуќност, но потоа Сулејмон направи непотребна лична грешка врз Теодосиќ кој два пати беше прецизен од линијата. Рајт имаше можност да му донесе победа на својот тим, се обиде да поентира со влез, но не успеа да погоди, па Гиедраитис стави точка на тензичкиот меч. Претходно, Звезда остана без Боломбој кој најверојатно доживеа тешка повреда на коленото и веројатно утре ќе има повеќе информации за неговата состојба.
Недовиќ беше прво име на мечот со 24 поени од кои шест тројки од осум обиди, за индекс 29. Со тоа ја потврди одличната форма од почетокот на сезооната која претходно ја демонстрираше и во Евролигата.
Победата на Црвена Звезда во Подгорица го остави Партизан единствен непоразен тим во АБА лигата и, се разбира, осамен лидер на табелата во регионалното натпреварување. Во ова коло загуби и Мега, па „црно-белите“ се на првото место, но допрва им претстојат дуели со најголемите ривали за титулата.


