Македонскиот репрезентативец Теодор Симиќ беше еден од најдобрите во својата екипа во вториот меч од Купот на Шпанија.
Неговиот Прат загуби од Оуренсе со 91-97, но нашиот центар беше трет стрелец во тимот со 15 поени за само 20 минути на теренот. Освен тоа додаде и 6 скока со што беше најдобар кај Прат, како и една асистенција за индекс 14, втор највисок во неговата екипа. Оуренсе е шпански второлигаш, односно настапува еден ранг повисоко од тимот чиј член е Симиќ.
За Прат ова беше прв пораз во Купот на Шпанија откако во претходниот меч, пред три дена го совлада Сантфелиуенк со 86-73. Во групата се уште Обрадоиро и Матаро, а само првопласираниот продолжува во следната фаза.
По првите два настапа во дресот на Прат, Симиќ има просек од 13,5 поени и најавува добра сезона која му е многу потребна за враќање во посакуваниот ритам.


