Македонскиот кошаркар Теодор Симиќ го направи првиот чекор на новата сцена во американската колеџ-кошарка, откако го одигра својот прв официјален натпревар за Универзитетот Тексас-Арлингтон (УТА), во рамките на НЦАА.
Нашиот репрезентативец не го крие задоволството од првиот настап, особено поради можноста конечно да почувствува како изгледа атмосферата на официјален натпревар во американската колеџ-кошарка.
„Првиот натпревар беше навистина големо искуство за мене како играч, но и мотив да покажам колку можам. Имав голема возбуда бидејќи конечно настапив на официјален натпревар за УТА и играв на ова ниво во НЦАА. Посебно ме мотивираа излегувањето на теренот и чувството на атмосферата на официјален натпревар“, откри Симиќ во изјавата за КОШ.МК.
Тој е задоволен и од сопствената игра на дебито, во кое постигна 16 поени и девет скока, но нагласува дека не планира да застане тука. Напротив, првиот настап го гледа како почетна точка за понатамошен напредок и подобри изданија во продолжението од сезоната.
„Презадоволен сум од тоа како настапив на првиот натпревар. Тоа ќе биде само уште поголем мотив за мене на следните средби. Ова е само почеток и се надевам дека од натпревар во натпревар ќе бидам уште подобар“, вели центарот.
Симиќ открива и дека адаптацијата во новата средина минува одлично. Веќе четири месеци е дел од универзитетот, а од самиот почеток добил поддршка од соиграчите, тренерскиот штаб и навивачите.
„Ме прифатија одлично. Тука сум веќе четири месеци и можам да кажам дека сите соиграчи и тренери ме прифатија прекрасно. Имам голема поддршка од нив. Од самиот почеток сум прифатен и од навивачите, кои ја препознаваат мојата борба и енергија“, додава Симиќ.
Пред УТА е напорен распоред бидејќи во претстојните седум дена го очекуваат уште три натпревари од НЦАА. Симиќ смета дека тоа е прекрасно бидејќи ги пропушти подготвителните дуели затоа што немаше лиценца и мораше долго време да чека да се појави на теренот.


