Македонскиот репрезентативец Теодор Симиќ на почетокот од оваа недела ја почна својата американска одисеја.
Пролетта тој се договори со Универзитетот Тексас Арлингтон со кого ќе настапува во НЦАА, а по првите денови поминати во САД е воодушевен од она што го има на располагање. Неколку тренинзи беа доволни за да сфати каде дошол и дека ова е извонредна можност за напредок во кариерата.
„Се чувствувам фантастично овие неколку дена откако дојдов овде. Искрено, ова ги надминува сите мои очекувања, навистина ни во најубавите соништа не мислев дека ќе биде вака добро, дека вака ќе бидам прифатен и дека ќе ги имам овие услови за работа“, изјави 22-годишниот Симиќ, неполна недела откако пристигна во Тексас.
Нашиот центар во моментов тренира индивидуално, а има повеќе од три месеци да се подготви за она што го очекува во НЦАА лигата оваа сезона. Во американската лига ќе има друшттво од уште неколку македонски репрезентативци кои летово одлучија да заминат во САД.


