Репрезентацијата на Хрватска го освои пријателскиот турнир во Опатија откако славеше триумф и во својот втор натпревар.
Откако во неделата ја совладаа Полска со 82-68, денеска „коцкестите“ беа подобри и од Бразил со 91-81 во меч во кој блескаше играчот на Реал, Марио Хезоња. Искусниот крилен играч постигна 39 поени што е втор најдобар индивидуален ефект во историјата на хрватската репрезентација, по оној на Дражен Петровиќ кој во 1993 година против Естонија реализира 48.
Покрај Хезоња, кај Хрватите се истакна и Дарио Шариќ со 20 поени, 9 скока и 6 асистенции, додека во бразилската репрезентација, најдобар беше Бруно Кабокло со 16 поени. Интересно е тоа што на турнирот во Опатија учествуваа репрезентации чии селектори се Хрвати: Полска (Игор Миличиќ), Бразил (Александар Петровиќ) и домаќинот (Јосип Сесар).
За хрватската репрезентација ова беше генерална проба пред стартот на олимпискиот квалификациски турнир во Пиреја. „Коцкестите“ почнуваат на 2 јули против Словенија, а ден подоцна се среќаваат со Нов Зеланд. Во другата група се Грција, Египет и Доминиканска Република.


