Екипата на Работничкија прекина серијата од пет порази откако попладнево го совлада директниот ривал за пласман во топ-6, Кожув со 99-92.
Тоа е и прва победа за тимот од Градски парк во 2026 година, а доаѓа на неполна недела пред завршниот турнир од Купот на Македонија во чие четвртфинале ќе се сретне со МЗТ Скопје. Триумфот е апсолутно заслужен бидејќи Работнички се наоѓаше во водство безмалку цел натпревар.
Кожув имаше предност само во почетната фаза од мечот, отвори со 4-0 и подоцна водеше со 8-7. Работнички потоа ја презеде контролата над резултатот, на минута пред крајот на воведната четвртина поведе со 27-19, кон средината на вториот период првпат и со двоцифрена разлика (36-26), а нешто подоцна ги достигна и највисоките +13 (48-35). Кожув не се предаде, безмалку цела трета четвртина му беше зад петите на Работнички, но домаќините го одбија тој налет и мирно го приведоа мечот кон крај.
Убедливо најдобар играч на натпреварот беше хрватскиот интернационалец Роберт Рикиќ кој постигна повеќе од третина од поените на Работнички (34), а додаде и 14 скока од кои, интересно, 10 офанзивни и мечот го заврши со индекс 41. Се истакна и Виктор Ефремовски со 21, а изненади Александар Костоски кој во вториот меч како играч на Работнички постигна 20 поени. Никола Бојчев беше најефикасен кај Кожув со 21 поен.


