Американскиот интернационалец Весли Персон Џуниор е второ засилување за најтрофејниот македонски клуб Работнички во пресрет на новата сезона.
Станува збор за 29-годишен кошаркар кој игра на бековските позиции, а во Македонија доаѓа од финското првенство каде настапувал за тимот на Корихаит. Претходно во кариерата бил член и на унгарските екипи Корменд и Седеак, англискиот Њукасл и италијанскиот Розето.
Персон е многу попознат како син на поранешниот НБА кошаркар кој го носи истото име и презиме како него (Весли Персон кој има 11-годишна кариера во најсилната светска кошаркарска лига. Во НБА влезе во 1994 година како 23. пик на драфтот, избран од Феникс, а потоа играше за Кливленд, Мемфис, Портланд, Атланта, Мајами и Денвер каде ја заврши кариерата.
Пред Персон, Работнички се засили и со српскиот интернационалец Михаило Јовичиќ кој заедно со Американецот ќе ја гради играта на тимот од Градски парк.


