Никола Јокиќ и понатаму ужива огромна почит во НБА-лигата, но според анкетата меѓу генералните менаџери на клубовите, српскиот центар не е главен фаворит за освојување на признанието за најкорисен играч во сезоната 2026/27. Иако многумина го сметаат за најдобриот кошаркар во светот, предноста во прогнозите ја има Виктор Вембанјама од Сан Антонио.
Во традиционалната анкета на НБА, дури 77 проценти од генералните менаџери го посочиле Вембанјама како најсериозен кандидат за МВП-трофејот. Јокиќ добил само 10 проценти од гласовите, додека трет е Ентони Едвардс со седум проценти.
Овие резултати претставуваат значителна промена во однос на претходната година, кога Јокиќ беше убедлив фаворит во истата анкета со 67 проценти од гласовите.
Сепак, резултатите покажуваат дека почитта кон квалитетите на Јокиќ не исчезнала. Српскиот центар добил 63 проценти од гласовите во изборот за најдобар центар во лигата, пред Вембанјама со 37 проценти. Дополнително, Јокиќ освоил дури 87 проценти од гласовите за најдобар додавач, а 67 проценти од испитаниците го издвоиле како кошаркар со најдобро разбирање на играта.
Зошто тогаш не е фаворит за МВП?
Една од причините што се споменува е таканаречениот „замор од гласање“ – појава во која гласачите со текот на времето стануваат помалку склони повторно да го изберат истиот играч, дури и кога тој продолжува да игра на највисоко ниво.
Јокиќ во последните шест сезони трипати завршуваше на првото и трипати на второто место во трката за најкорисен играч, па дел од анализите сметаат дека гласачите сега сакаат да видат ново лице на врвот. Освен тоа, кај Американците владее расположение дека и покрај големите индивидуални квалитети, Јокиќ не може да биде ставен во рангот на Бил Расел и Леброн Џејмс кои имаат по четири МВП признанија.
Вембанјама, од друга страна, зад себе има сезона во која просечно бележеше 25 поени, 11,5 скока, 3,1 асистенција и 3,1 блокада по натпревар. Тој беше прогласен за најдобар дефанзивец во лигата и се најде во идеалните петорки, што дополнително го зајакнува неговиот статус во пресрет на новата сезона.
Јокиќ веќе има три МВП-признанија, освоени во 2021, 2022 и 2024 година, како и шампионска титула со Денвер од 2023 година. Иако анкетата не е конечна прогноза за исходот на сезоната, таа покажува дека српскиот ас ќе влезе во новата трка со сериозна конкуренција и без статус на главен фаворит.
Едно е сигурно: Јокиќ и понатаму е меѓу најценетите кошаркари во НБА, но за евентуалното четврто МВП-признание ќе мора повторно да ги убеди гласачите дека заслужува да биде на врвот.


