Неверојатна провокација се најде на официјалната интернет-страница на Кошаркарската федерација на Кипар (ЦБФ), каде што во најавата за претстојните натпревари од претквалификациите за Евробаскетот 2029, наместо Македонија, како противник е наведено – Скопје!
Кипарската федерација го објави списокот од 17 кошаркари на кои ќе смета за ноемвриските натпревари, но во информацијата за распоредот направи нешто што тешко може да остане незабележано. За дуелот закажан за 26 ноември, како противник на Кипар е наведено „Скопје“, а не македонската репрезентација.
Станува збор за натпревар од претквалификациите за Евробаскетот 2029, кој треба да се одигра во главниот град на Македонија. Притоа, во истата објава за вториот натпревар, закажан за 29 ноември, правилно е наведена Австрија како противник.

Сето ова е уште поголем скандал ако се знае дека станува збор за официјална објава на националната кошаркарска федерација, а не за неформална најава или информација на некој спортски портал.
Сето ова само дополнително ќе ја загрее атмосферата пред гостувањето на Кипар во Скопје во мечот во кој Македонија ќе биде голем фаворит за победата.


