Македонската У16 репрезентација го доживеа првиот пораз на Европското првенство Б-дивизија во Скопје откако вечерва загуби од Естонија со 57-76.
Убедливо најголемата причина за поразот на нашите млади кошаркари беше катастрофалниот скок и фактот што противникот оствари дури 36 скока (63/27) повеќе од нас што подоцна придонесе за многу поени од втора шанса кои директно влијаеја на конечниот резултат.
Од тие причини, отпорот на македонскта репрезентција траеше само во првата четвртина која ја загубивме минимално, со 21-23. Од вториот период, почна доминацијата на Естонците кои ја користеа секоја шанса да го зголемат водството и на крајот да дојдат до убедлива победа. Највисоката предност на противникот изнесуваше 23 поени.
Освен лошиот скок, не функционираше ни шутот од дистанца, па македонските кошаркари погодија само шест тројки од 38 обиди. Ѓорѓи Цветковски беше најефикасен во нашиот тим со 11 поени, а двоцифрен беше само уште Ефтимовски со 10. Последниот меч од групната фаза, Македонија го игра утре против Австрија, повторно од 18:30 часот.


