Вториот круг од македонското кошаркарско првенство почнува вечерва со дуел меѓу скопските ривали ТФТ и Скопје што е реприза од полуфиналето на плејофот минатата сезона.
Тогаш Скопје (под името Маџари) направи сензација и го совлада ТФТ со 2-0, испишувајќи историја со тоа што во дебитантската сезона во елитата успеа да стигне до финалето. Изненадувањето беше уште поголемо, ако се знае дека ТФТ во тој период бележеше одлични резултати во АБА 2 и се пласира во финалето од регионалното натпреварување.
Новата сезона двете екипи ја почнаа со порази. ТФТ загуби на гости кај Пелистер, а Скопје како домаќин од амбициозниот Кожув. Затоа, денешниот натпревар кој се игра од 18:30 часот во „Борис Трајковски“ ќе биде шанса за прва победа за една од нив.
Останатите четири натпревари од второто коло се играат во текот на викендот. Дербито е во Гевгелија каде Кожув го пречекува МЗТ Скопје кој има згуснат распоред во овој период од сезоната и гостувањето на југот од земјава му доаѓа меѓу два меча од ФИБА Европа купот.
ДВОЈКИ ЗА 2. КОЛО
08.10.2026
ТФТ – Скопје 18:30
10.10.2026
Работнички – Тиквеш 18:00
МКК Куманово – Штип 18:00
Кожув – МЗТ Скопје 19:00
11.10.2026
Струмица – Пелистер 17:00


