Трофејниот српски стручњак Светислав Пешиќ од синоќа не само што е на удар на јавноста во својата земја, туку против него се сврте и неговите колеги.
Вчера Владе Ѓуровиќ остро го критикуваше за неговиот начин на водење на екипата, а денеска истото го направи и прославениот југословенски репрезентативец Зоран Славниќ. Нему најмногу му пречат изговорите на Пешиќ иако селекторот потенцираше дека не се обидува да бара оправдување.
„Ова е големо разочарување за мене како поранешен кошаркар. Жал ми е за сите кошаркари, особено за Јокиќ, Аврамовиќ, Добриќ и Стефан Јовиќ кои дадоа се од себе. Тренерот вели дека не биле подготвени… па кој е за тоа виновен: Им влезе страв, не бевме препознатливи, катастрофално водени.
Што се однесува до селекторот, тој е посебна приказна. Од почитување бидејќи сме иста генерацијата, досега апсолутно бев на негова страна. По оваа прес-конференција не сум затоа што не можеше еднаш да застане и да каже: Виновен сум, вака-така, ова-она, преземам одговорност. Не, тој зборуваше за некакви вируси и повреди, тоа ми е многу смешно“, рече Славниќ.
Тој беше прв селектор на Србија по осамостојувањето, односно отцепувањето од Црна Гора и ја водеше репрезентацијата на Европското првенство во 2007 година каде „орлите“ не успеаја да ја поминат групата и имаа биланс 0/3 во друштво на Русија, Грција и Израел.


