Откако во 2017 година сензационално стана европски шампион, словенечката репрезентација постојано на големите натпреварувања секогаш е во центарот на вниманието, пред се поради тоа што во своите редови го има еден од најдобрите кошаркари во светот Лука Дончиќ.
На претстојниот Еуробаскет, сепак, нема да биде така, Словенија ќе настапи драстично ослабена, па Дончиќ ќе треба да преземе уште поголема одговорност. Селекторот Александер Секулиќ е свесен дека неговиот тим го нема потребниот квалитет иако најавува борба до крај.
„Не сме во иста позиција како на претходните првенства. Им реков на играчите дека одиме натпревар по натпревар, но стартуваме како аутсајдери. Никогаш не се осврнувам на прогнози, кој ќе победи, кој ќе биде подолу, а кој последни. Без оглед на резултатот, треба да дадеме се од себе, тоа е најважно“, изјави Секулиќ.
Својот прв натпревар на првенството, Словенија го игра в четврток против Полска, а во оваа група, во Катовице, се наоѓаат уште Франција, Исланд, Израел и Белгија.


