Точно еден месец остана до почетокот на квалификациите за пласман на Олимписките игри во Париз, а сезоната за Лука Дончиќ уште не е завршена.
И не е само што не е завршена, туку допрва следува она главното бидејќи првпат во својата кариера, словенечкиот ас ќе игра финале во НБА лигата. Серијата за титулата во која ќе се сретнат Далас и Бостон почнува в петок наутро по средноевропско време и ако се издолжи до седум натпревари, ќе трае до 24 јуни.
Такво сценарио не посакува никој во Словенија бидејќи ако финалето стигне до „мајсторка“, тоа ќе биде огромен напор за Дончиќ и малку време да се подготви за настапот во квалификациите. Најдобриот играч на Далас, можеби и во целата НБА, имаше исклучително тешка и напорна сезона, веќе влече неколку повреди на колената и зглобовите и прашање е во каква состојба ќе се појави во националниот тим. Оваа сезона тој веќе одигра 87 натпревари, му претстојат најмалку уште четири, а потоа и квалификации за Олимписките игри и можеби настап во Париз со вкупно десетина меча до средината на август. Сезоната за него почна со Светското првенство на Далечниот исток и би траела повеќе од 11 месеци што веројатно ќе се одрази и на неговата форма и на здравјето.
Словенечката репрезентација в среда (5 јуни) ќе ги почне подготовките за олимписките квалификации, а се наоѓа на турнирот во Атина, во група со Хрватска и Нов Зеланд, додека во другата се наоѓаат домаќинот Грција, Египет и Доминиканска Република. Најрано, Дончиќ би можел да заврши на 15 јуни (тогаш се игра четвртиот натпревар од финалето) и 2-3 дена подоцна, во зависност од исходот, да му се приклучи на националниот тим. Во каква состојба ќе биде, тоа никој не може да го предвиди, но во изјава за американските медиуми, тој категорично го потврдил својот настап во квалификациите.


