Јуниорската репрезентација на Словенија испиша нова страница во својата кошаркарска историја, откако за првпат ја освои титулата европски шампион во конкуренција на кошаркари до 18 години.
Во големото финале на Европското првенство во Италија, словенечките кошаркари беа подобри од домаќинот Италија со убедливи 88-71 и сосема заслужено се искачија на европскиот трон.
Словенците уште од самиот почеток наметнаа силно темпо и постепено ја зголемуваа предноста, не дозволувајќи им на Италијанците да се вратат во натпреварот. Во второто полувреме целосно ја контролираа играта и без поголеми проблеми стигнаа до историскиот успех.
Со оваа титула, Словенија го продолжи извонредното лето во младинските категории, откако пред две недели и У20 селекцијата ја освои титулата на Европското првенство.


