Една од трансфер-бомбите минатото лето беше преминот на Костас Слукас од Олимпијакос во Панатинаикос.
Една година подоцна, искусниот плејмејкер е шампион на Грција и Европа, а својот квалитет го покажа кога најмногу требаше – во финалето од Евролигата и „мајсторката“ од серијата против Олимпијакос. Во двете натпреварувања беше прогласен за МВП, а по триумфот во домашното првенство имаше моќна порака за сопствениците на својот поранешен клуб и до тренерот Јоргос Барцокас.
„Сакам да им се заблагодарам од срце за ароганцијата и презирот кој го покажаа кон мене браќата Ангелопулос и господинот Барцокас. Тие ја предизвикаа мотивацијата кај мене, а ми ја отворија и вратата кон Панатинаикос. Видов луѓе кои се жедни за успех, веруваа во мене од првиот момент и ме поддржуваа дури и кога беше најтешко. За мене, ова е најголема потврда. Цела година беше тешка за мене, преферирав да не одговарам, туку да зборувам на теренот“, рече Слукас.
Тој ја почна својата професионална кариера во Олимпијакос и таму помина вкупно десет сезони, освојувајќи притоа две титули во Евролигата и четири во грчкото првенство.


