Шампионот на Македонија, МЗТ Скопје го заборави неуспехот во АБА 2 лигата и ја оствари третата победа во домашното првенство откако вечерва го совлада дебитантот во Првата лига, МКК Куманово со 78-71.
Без Марин Докузовски на клупата, гостинскиот тим пружи голем отпор и долго време беше во игра за победа, а не се предаде до последните секунди. Сепак, одлучи подолгата клупа на МЗТ Скопје кој во клучните моменти фати ритам и дојде до посакуваниот и очекуван триумф.
Почетната фаза од мечот му припадна на шампионот кој на средина од воведната четвртина водеше со 13-4, пред се благодарение на Брендон Слај кој во тој период постигна девет поени. Гостите брзо се консолидираа и не само што ја достигнаа негативата, туку по првиот период имаа и водство со 20-19. Вториот квартал помина во промени на водството за на пауза, сепак, МЗТ да замине со +4 (40-36).
Исклучително важен момент беше серијата од 11-1 на МЗТ Скопје пред крајот на третата и почетокот на последната четвртина, благодарение на која отиде на највисоки +14 (73-59). Во финишот МКК Куманово се доближи на -6 (69-75), но немаше сили за целосен пресврт и сензација во „Јане Сандански“.
Убедливо најзаслужен за победата на шампионот беше Слај кој заврши со 27 поени, 4 скока и 3 асистенции за индекс 33. Покрај него, само уште Маслинко беше двоцифрен, со 10 поени. На другата страна се истакна Радукиќ со 22 поена и 7 скока.


