ТФТ ја изненади македонската и регионалната јавност, но и ги собра симпатиите по одличниот настап во АБА 2 лигата оваа сезона.
Остварен е најголемиот успех со пласманот во финалето од ова натпреварување, за жал не е направен последниот чекор и некогаш малиот, маалски клуб ќе мора да чека нова шанса да влезе во регионалната елита. По серијата со Борац Чачак, која заврши со само два меча, тренерот Боро Смилковски го даде завршниот коментар пред екипата целосно да се насочи на обврските во домашното првенство каде има тешка задача против Маџари.
„Она што го кажав во соблекувалната по натпреварот е дека ако се осврнеме назад и направиле аналлиза за сезоната во АБА, не ни преостанува ништо друго освен да бидеме горди на нашиот успех. Со зацртана цел да бидеме дел од плејофот, направивме голем чекор напред и стигнавме до финалето. За малку ни избега победата против Широки, додека во двомечот против Борец, разликата во класата помеѓу екипите од АБА 1 беше очигледна, но тоа е добар показател за нас што е потребно ако сакаме да бидеме дел од таа лига. За нас, борбата за македонското првенство останува, продолжуваме да се бориме против Маџари каде што сме во дефицит. Натпреварот е во вторник, нема време за жалење, малку одмор и одиме да го дадеме својот максимум“, рече тренерот на ТФТ.
Настапите во АБА 2 лигата не останаа незабележани и од регионалните медиуми, како и од противниците кои беа полни комплименти и за резултатите и за однесувањето на вицешампионот на Македонија.


