Македонската У20 репрезентација ги брои последните денови пред почетокот на Европското првенство што ќе се одржи во Полска.
Во текот на викендот, младинците го одиграа последниот подготвителен меч, против американска комбинирана колеџ-селекција, а веќе в сабота претстои првиот натпревар на Еуробаскетот, против еден од главните фаворити за титулата Шпанија. На два дена пред заминувањето за Гдиња, селекторот Боро Смилковски открива каква е ситуацијата во репрезентацијата.
„Успешно затворивме мини циклус на подготовки во кој одигравме и 6 пријателски натпревари. Задоволни сме од сработеното, играчите максимално посветено ги одработија овие подготовки и како стручен штаб сме навистина благодарни за нивната доверба во нашата работа.
Проблемите со повреди полека ги надминавме, со исклучок на повредата на нашиот Метин Саити – ‘Баба’, играч чија енергија навистина ќе ни недостасува, како на теренот така и во соблекувалната. Неговото место ке го пополни талентираниот Марко Лукановски – ‘Теди’, а конечниот список на патници ќе биде утврден непосредно пред заминувањето за Полска.
Наша констатација е дека физички и техничко-тактички сме спремни за турнирот.
Свесни сме за тежината на националниот дрес и што значи да си меѓу избраните да ја претставуваш својата држава. Ветуваме дека ќе го дадеме својот максимум, да покажеме дека можеме да играме добра кошарка. Да бидеме најдобрата верзија од себе е се што барам од играчите, сметам дека тоа е доволно да ја постигнеме нашата цел, а тоа е опстанок во А дивизијата. Тоа е и нашата одговорност кон идната генерација што доаѓаат“, изјави Смилковски за КОШ.МК.
Европското првенство во Гдиња се одржува во 13 до 21 јули, а Македонија ќе игра на него првпат по 17 години.


