Вицешампионот на Македонија, ТФТ оствари огромен успех откако синоќа го елиминира Златибор и обезбеди пласман во полуфиналето од АБА 2 лигата.
Таму ќе се сретне со црногорскиот претставник Сутјеска, но интересно е тоа што меѓу четирите полуфиналисти нема тим од Србија што значи дека само титула носи во елитната дивизија на АБА. ТФТ имаше исклучително тежок и напорен распоред последниот период, така ќе продолжи до крајот на сезоната бидејќи следуваат дуелите со Сутјеска, а потоа и плејофот во домашното првенство. Сепак, тренерот Боро Смилкосвки нема дилема дека неговиот тим ќе оди до крај и ќе атакува на два трофеја.
„Пред се, би сакал да им честитам на играчите, тренерскиот штаб и целата организација на TFT за постигнатиот успех. Поточно, во врска со натпреварот, би сакал да го издвојам Михаил Стојанов, одличен пристап, агресивност и карактер, нешто што го следеше целиот тим.
Успеавме да го контролираме шутот за три поени на Златибор, како и скокот, останавме сконцентрирани до крајот и заслужено победивме. Мора да останеме смирени и да гледаме напред. Не очекува тежок натпревар на гости против Тиквеш во обид да го потврдиме првото место по основниот дел од првенството, а веќе следната недела првиот полуфинален натпревар со Сутјеска. Од натпревар во натпревар, со голема самодоверба продолжуваме да ја пишуваме историјата на клубот“, изјави Смилковски за КОШ.МК.
Како и против Златибор, ТФТ нема да има предност на домашен терен и во серијата со Сутјеска, но покажа дека може да се носи со сите во лигата. Црногорскиот тим е исклучително квалитетен, а во четвртфиналето ја совлада екипата на Слобода Тузла со 2-0.


