ТФТ ја пропушти првата шанса за пласман во АБА лигата, но сите во скопскиот клуб се презадоволни од својата сезона во регионални рамки.
Клубот кој потекнува од Тафталиџе, но полека ги надминува рамките не само на Скопје, туку и на Македонија, ќе има уште една шанса, против Борац, првпат во својата историја да обезбеди пласман во АБА лигата. Импресиите од финалето уште се свежи, тоа ќе остане како најголем клупски успех, заедно со освоениот Куп на Македонија од пред четири години, а навивачите и луѓето во клубот се надеваат дека веќе идната недела ќе биде надминат.
„Кошарката е спорт во кој некој мора да победи, некој мора да изгуби. За жал, сега ние сме тие што го загубија овој натпревар, но навистина ми се чини како одлично финале, голема борба и одличен натпревар. Ние сме ние тие што го загубија овој натпревар, меѓутоа, јас сум исто така навистина горд на нашите момци, нашиот тим, бидејќи апсолутно немаме за што да жалиме. Мислам дека апсолутно сè што се однесува на секоја борба и секоја емоција го оставивме на теренот. Му честитам на тимот од Широки.
За самиот натпревар, во една таква завршница, можеби не е потребно да се зборува за деталите иако мислам дека дозволивме многу поени од втора шанса, офанзивни скокови, особено во второто полувреме и можеби малку дисциплинирано паднавме во обид да создадеме притисок врз топката во предно поле, дозволивме некој транзициски ‘пик’н’рол’ по што противникот успеа да креира некои шутеви.
Тоа што би сакал да го нагласам, мислам дека скопската и македонската кошарка победија, бидејќи бевме сведоци на одлична атмосфера, на публика и на многу луѓе кои препознаа потреба да дојдат и да не поддржат на нашиот пат, во ова наше финале. За нас, овој АБА пат не е завршен. Идната недела почнува натпреварот со екипата на Борац, која беше претпоследна во АБА 1 и ова е втора шанса што би ја имале во нашата цел да се пласираме во елитата“, вели тренерот на ТФТ, Боро Смилковски.
ТФТ идната недела ќе игра со Борац, прво на гостински, па на домашен терен. Тимот од Чачак поседува голем квалитет, но никој во Тафталиџе не планира однапред да се предаде.


