По пауза од седум години, Македонија повторно има екипа во бараж дуел за пласман во АБА лигата.
Во 2019, МЗТ Скопје не успеа против Задар иако имаше голема шанса, а сега ТФТ ќе се обиде на ваков начин да избори место во елитната дивизија од регионалното натпреварување. Противник на македонскиот вицешампион ќе биде Борац од Чачак, тимот со веќе сериозен стаж во оваа конкуренција иако не со забележителни резултати бидејќи најдобриот пласман му е десеттото место. Тренерот на ТФТ, Боро Смилковски е полн со комплименти за противникот и се надева на добар настап на неговиот тим.
„Не очекува плеј-ин серија со Борац во пеколна динамика на натпревари за нас, веќе во континуитет, повеќе од еден месец. Сериозен предизвик против екипа и град со голема кошаркарска традиција. Ростер кој го нуди можеби најдоброто во однос на талентот од регионов, многу од нив продукти на сопствената школа, дополнети со неколку искусни играчи со долга кариера во АБА 1 и сериозно кошаркарско CV.
За нас, уникатно искуство против тим од ранг каде што сакаме да бидеме. Пред сè, се надевам дека ќе претставиме добра и модерна кошарка, во однос на афирмација на нашите резултати. Подготвени сме да го дадеме својот максимум, но исто така сме свесни дека за евентуален успех ќе ни треба нашата најдобра верзија досега, можеби дури и повеќе од тоа“, рече Смилковски.
Борац ќе ја има предноста на домашниот терен, вечерашниот меч се игра на негов терен, како и евентуалната „мајсторка“, ако дојде до неа.


