Иако вечерва е гостин во „Кале“, екипата на МЗТ Скопје се очекува да има голема поддршка од трибините бидејќи клубот ги повика своите фанови да дојдат во што поголем број и за последен пат да го поздрават еден од најмаркантните лица во Аеродром, Марјан Михајловски кој почина вчера.
Шампионот му гостува на ТФТ во третиот меч од полуфиналната серија, при водство од 2-0 и со победа вечерва ќе обезбеди пласман во големото финале каде ќе го чека подобриот од дуелот меѓу Работнички и Пелистер.
„Дуелот доаѓа во моменти на шок поради ненадејната смрт на нашиот Марјан Михајловски, човекот кој беше дел од клубот и кој цел живот живееше со и за МЗТ Скопје. Тоа секако ќе биде дополнителен мотив за избраниците на тренерот Васко Атанасов да победат за него, но и за сите кои го сакаа и ценеа и кои знаеја колку ја сакаше плаво-белата боја да дојдат во СРЦ Кале и да му го упатот последниот аплауз кон небото.
Секако и да помогнат да се оствари тоа што тој најмногу го сакаше, а тоа се победите на својот миленик.
За Мац!“, пишува во повикот од МЗТ Скопје.
Тимот од Аеродром води со 2-0 и е во серија од 13 победи во дуелите со ТФТ што секако го прави фаворит во пресрет на вечерашниот меч и покрај тоа што ривалот е домаќин. Натпреварот во Кале се игра од 19 часот.


