Откако во саботата Работнички и Пелистер го одиграа првиот меч од полуфиналната серија, денеска на терен, во истата фаза, излегуваат градските ривали МЗТ Скопје и ТФТ.
Во мечот, кој доаѓа три дена по натпреварот против Спартак во АБА 2 лигата, МЗТ влегува со низа од десет победи во меѓусебните дуели со тимот од Тафталиџе. Сезоната, актуелниот шампион има само два пораза како домаќин, од Пелистер и Работнички на стартот од годинава, но против Работнички не играше во својата сала, туку во „Независна Македонија“ во Кисела Вода.
ТФТ никогаш досега не успеал да го победи МЗТ Скопје во „Јане Сандански“, единствените два триумфа ги забележа во Кале, еднаш во финалето од Купот на Македонија и еднаш во рамките на првенството, но сето тоа во 2022 година. Ова е вторпат во последните три сезони, градските ривали да се сретнат во плејофот, првиот беше преклани и тогаш МЗТ лесно славеше со 2-0.
Првиот натпревар од серијата се игра вечерва од 19 часот во Аеродром, во текот на викендот МЗТ Скопје го очекува реваншот против Спартак во АБА 2.


