Во средата Партизан ја пречека Барселона во деветтото коло од Евролигата, а белградскиот клуб ја искористи можноста официјално да му се заблагодари на поранешниот капитен Кевин Пантер за трите години поминати во клубот.
Навивачите на Партизан со задоволство го поздравија тоа, но потегот на некогашниот европски шампион не им се допадна на сите. Меѓу оние кои изразија чудење и незадоволство беше поранешниот тренер на Црвена Звезда, Владе Ѓуровиќ во анализа за една српска телевизија.
„Некои ги погоди дочекот за Пантер кој доби и подароци од клубот, но јас не мислам така. Малку сум изненаден, што освои тој со Партизан за да добие таков дочек? Кога Лесор ќе се врати во арената во Атина за 5 или 10 години, навивачите ќе го пречекаат бидејќи учествуваше во освојувањето на титулите во Евролига и во грчкото првенство, дури и да не постигне ништо во следните години. А што направи Пантер? Тој е најголем виновник што Партизан не отиде на Ф4 во 2023 година поради оној инцидент со Љуљ“, коментираше Ѓуровиќ.
Пантер беше член на Партизан од 2021 до 2024 година и за тој период освои само еден трофеј – во АБА лигата во 2023 година. Последните две сезони беше капитен на екипата како еден од ретките странци во историјата на клубот кои добиле таква чест. Во јуни годинава ги напушти „црно-белите“ и се пресели во Барселона. Сличен пречек како Пантер синоќа доби и Зек Ледеј кој исто така три години беше играч на Партизан, пред да се пресели во Олимпија Милано.


