Иако Алекс Мумбру се врати на клупата на германската репрезентација за дуелот против Португалија, шпанскиот стручњак повторно го напушти тимот и нема да го води до крајот на Европското првенство.
Кошаркарскиот сојуз на Германија ја извести јавност за емотивниот состанок на селекторот со играчите и стручниот штаб на кој е соопштено дека Мумбру нема да ја води репрезентацијата до крајот на шампионатот. Причина за тоа се здравствените проблеми со кои се соочи непосредно пред почетокот на првенството и поради кои извесен период помина и в болница.
„Претходните неколку дена сфатив дека не сум физички подготвен да ја водам екипата на претстојните натпревари. И натаму ќе соработувам со стручниот штаб, но сметам дека ова е најдобар начин да ѝ поммогнам на екипата да остварат добар резултат“, истакна Мумбру.
Репрезентацијата до крајот на Европското првенство ќе ја води асистентот Алан Ибрахимагиќ кој одлично се снајде во својата улога и не само што со 5/0 ја заврши групната фаза, туку на четири од тие пет меча Германците постигнаа 100+ поени.


