Женската кошаркарска репрезентација на Македонија неочекувано остана без селектор откако досегашниот предводник Александар Ашаданов поднесе оставка на својата функција.
Тој беше на селекторската позиција од 2021 година, оствари големи успеси, но сметаше дека е дојден крајот на циклусот.
„По пет години посветеност, работа и неизмерна љубов кон женската кошарка, дојде моментот да го завршам мојот селекторски пат со женската сениорска репрезентација на Македонија.
Овие пет години беа исполнети со предизвици, одговорност, тешки одлуки, многу работа и моменти што засекогаш ќе останат дел од мојата кариера. Во секој момент се трудев да го дадам максимумот од себе, да ја претставувам Македонија со достоинство и да придонесам за развојот на женската кошарка.
Посебна благодарност до сите кошаркарки кои беа дел од овој пат, до мојот стручен штаб и до сите кои искрено веруваа во идејата и работеа за заедничката цел. Секогаш верував дека функциите се минливи, но делата, односот и трагата што ја оставаме зад себе остануваат.
Од оваа позиција заминувам со гордост за сè што вложив, со почит кон националниот дресот и со верба дека женската кошарка во Македонија има потенцијал за уште поголеми достигнувања.
Пет години не се само период. Тоа е дел од животот, од кариерата и од мене како човек и тренер. Благодарам за довербата, заедничкиот пат и сите моменти што ги споделивме“, објави Ашаданов.
Кошаркарската федерација на Македонија наскоро ќе треба да го назначи неговиот наследник кој нема да има воопшто лесна работа бидејќи сениорската репрезентација е драстично ослабена последниот период, а безмалку сите носители на играта или се простија од националниот тим или заминаа во пензија.


